По големиот пожар што денеска го зафати манастирот „Трескавец“, во Прилеп пристигна Министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска за целосно да се информира за состојбата во овој комплекс.

Министерката истакна дека веднаш ќе се направи план за да се обнови манастирот и оти во моментов стручните лица од прилепскиот Завод и музеј вршат увид на лице место.
„Утре ќе доставиме целокупна информација до Владата. Ќе има акциски план за брза санација и реконструкција на опожарениот дел. Веднаш ќе се изработи проект и преку надлежните институции ќе пристапиме да извршиме брза санација и реконструкција за да се вратат автентичноста и сјајот на конаците што изгореа.“ – додаде министерката Канческа-Милеска.
Според Владиката Климент, првично пожарот почнал од гостинска соба. „Првични сознанија се дека пожарот почнал во гостинска соба и се ширел кон монашкиот конак. Во моментот на избувнувањето, во манастирот биле искушеникот Калист и еден гостин.“ – изјави владиката Климент, потенцирајќи дека пожарот е ист со оној од пред 23 години.
Инаку противпожарните екипи и доброволците, ќе останат крај манастирот „Трескавец“ се додека огнот целосно не се изгасне.
OhridNews












