Денеска во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга на министерката за култура на Република Македонија, д-р Елизабета Канческа –Милевска на свечен начин ќе и биде врачена престижната Гран-При награда за културен менаџмент која ја доделува меѓународната академија „Михаил Еминеску“ од Романија.

Наградата, во присуство на бројни гости и поети, меѓу кои и годинашниот лауреат на „Струшките вечери на поезија“, Монгани Вали Сероте, на Канческа-Милевска ќе и ја врачи претседателот на оваа меѓународна академија од Романија, Јон Деаконеску, кој специјално ќе пристигне во Струга по повод овој настан и манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“.

Признанијата на останатите годинешни лауреати, за кои меѓународната акдемија оцени дека имаат особен личен придонес во афирмацијата на културата им беа доделени на 1 јуни 2012 година во Крајова, Романија.

Наградите на Меѓународната академија се доделуваат секоја година на личности кои даваат особен придонес во културното живеење на национално и меѓународно ниво. Основачи и членови на меѓународната академија „Михаил Еминеску“ се и двајца лауреати на Нобеловата награда, што зборува за кредибилитетот на ова признание. Досегашни добитници на оваа награда се референтни имиња од областа на култура, лауреати и носители на други меѓународни признанија од повеќе земји од светот како САД, Бразил, Унгарија, Србија, Романија, Русија, Финска и др.

OhridNews