Министерот за култура, Елизабета Канческа- Милеска денес ги посети националните институции од областа на културата во Охрид.

Од страна на директорката на Завод и музеј- Охрид, Тања Паскали- Бунташеска,  Канческа- Милеска била запознаена со тековните активности и проекти на оваа институција, меѓу кои како најзначаен го посочи- капиталниот проект за изградба на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, каде подготвителните работи се при крај. Утре просторот ќе биде заграден, а наскоро се очекува да започнат и градежните зафати.


Во однос на просторниот проблем со кој веќе подолг период се соочува Националната установа Библиотеката Григор Прличев, Канческа- Милеска, потенцира дека лично ќе се заложи за решавање на проблемот.

Ќе превземам сериозна активност за разрешување на просторниот проблем. Го видов изработениот проект кој е доставен до министерството за култура . Утре, од министерството ќе биде испратена стручна екипа која ќе ја посети библиотеката, а јас како министер, во вторник ќе доставам информација до владата. Мое размислување е дека проблемот ќе биде решен преку доградба на постојниот простор, согласно сите стандарди како треба да изгледа една современа библиотека, рече Канческа- Милеска.


За фестивалот Охридско лето, министерот за култура, потенцира дека  програмата за најновото издание на фестивалот е комплетирана и дека подготовките течат во најдобар ред. Околу неодамнешното поставување на Илија Мојсоски за нов ВД директор, Канческа- Милеска истакна дека тој бил избран како најсоодветно решение. – Додека не се формира новата влада, согласно законските прописи не може да биде избран нов директор на манифестацијата. Поради заминувањето на досегашниот ВД директор Васил Зороски, моравме да избереме негова замена од редовите на вработените кои не се во голем број. Мојсоски има завршено соодветно образование, а и ги поседува потребните квалификации да ја извршува оваа функција, рече Канческа.

Таа потенцира дека новиот директор ќе биде избран веднаш по формирањето на новата влада, од веќе пријавените кандидати на сеуште отворениот, втор по ред, распишан конкурс.

Неколку од пријавените кандидати со својата програма и визија за фестивалот оставија добар впечаток врз мене и стручните комисии. Тие веќе беа повикани на разговор, рече Канческа Милеска.

Таа во Охрид денес имаше средба и со актерите од Охридскиот театар, каде во тек се подготовките за новата премиера.

Т. К.