Кандидатите за градоначалник на Општина Охрид денес ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.
На претстојните избори закажани за 19 октомври за градоначалничката функција ќе се ја водат битката четворица кандидати меѓу нив актуелниот градоначалникот Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Асен Шајн од СДСМ и Коалицијата, Гоце Цветкоски како незвисен кандидат и Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија.
Според роковникот објавен од Државната изборна комисија во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови согласно со членот 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.
Изборната кампања за првиот круг на гласање започнува на 29 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 17 октомври.
Н.С.Ј.