Кандидатите за градоначалник на Општина Охрид на пригодна церемонија што денеска ја организираше Општинската изботна комисија, потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
На потпишувањето на Кодексот во големата сала на Општина Охрид присуствуваа четворицата кандидати, актуелниот градоначалникот Кирил Пецаков како кандидат на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Асен Шајн од СДСМ и Коалицијата, Гоце Цветкоски како незвисен кандидат и Стевче Стевоски како кандидат од Твоја партија.
Според роковникот објавен од Државната изборна комисија во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина.
Ако во првиот круг ниту еден кандидат за градоначалник на општина не го добил потребното мнозинство гласови согласно со членот 132 став 1 од Изборниот законик, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето.
Изборната кампања за првиот круг на гласање започнува на 29 септември во 00:00 часот и трае до 24:00 часот на 17 октомври.
Н.С.Ј./Г.М.