Кандидатите за градоначалници од општина Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани, попладнево, потпишаа Кодекс на однесување за слободни и фер избори.

Со овој чин, инициран за прв пат за локални избори од Институтот за парламентарна демократија, а во соработка со Националниот демократски институт за меѓународни односи , потписниицте- кандидати за градоначалници ќе се заложат за спроведување на фер и демократски избори, владеење на правото, како и соодветно изборно однесување.

Како што истакна кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“, д- р Никола Бакрачески, демократските и фер избори се основен белег на демократија по кој се препознаваат цивилизираните општества.

–  Уште еднаш ја искажувам мојата желба за фер и демократски процес, затоа што не постои алтернатива за нас како општество кое се стреми да ги примени европските стандарди за еден мирен и демократски изборен процес. Неколку пати напоменав дека е крајно време да се подигне нивото на политичка свест и културна комуникација во јавните настапи и кон тоа ќе се стремам во текот на кампањата, рече Бакрачески.

И покрај ставањето на потпис на кодексот, дел од кандидатите за градоначалник, изразуваат сомнеж дека изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера.

–  Можеби јас имам специфичен став по оваа работа, затоа што мислам дека овие избори во никој случај не можат да бидат фер и демократски од причина што не е важно само денот на гласањето да помине мирно, без да има пукотници, туку за мене фер избори се ако и во изминатите четири години сме се однесувале фер и коректно. Не можат да бидат фер и коректни зашто сите овие четири години бев спречуван од Владата да се направи она што е нормално за Охрид, изјави по потпишувањето на кодексот  кандидатот за градоначалник од „Сојузот за иднината“, Александар Петрески.

Со сличен став и независниот кандидат за градоначалник во општина Вевчани, Васил Радиноски.

– Уште во старт се чуствува еден голема разлика во однос на моќта на партиите кои се на власт и опозицијата. Луѓето трпат страшни притисоци,  особено оние вработените во државна администрација  и јавните претпријатија, но сепак се надевам дека луѓето ќе најдат храброст слободно да го дадат својот глас, изјави Радиноски.

Со свој став околу текот на изборната кампања и потпишувањето на кодексот и Зијадин Села, кандидат за градоначалник на општина Струга од редовите на ДПА.

– Ние се однесуваме фер и демократски. Немаме никакви механизми, а и кога би ги имале не би ги искористувале. Прашањето е како се однесуваат партиите кои се дел од власта. Секој ден ми се јавуваат граѓани, инспекциите се на терен, ги поткупуваат граѓаните и затоа напишав во Кодексот дали се фер и демократски без разлика дали потпишуваме кодекс или не. Фер и демократски избори да, само не треба да се преправаме дека со ставање потпис дека и ќе бидат такви , рече Села.

Во изминатите неколку дена Кодекс за слободни и фер избори потпишаа и кандидатите за градоначалници од општините Скопје, Куманово, Штип и Кавадарци.

Т. К.