На голем број млади на возраст од 17 години им е ускратено правото да го завршат отпочнатиот процес за стекнување со возачка дозвола поради измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кои стапија на сила во мај оваа година. Со нив се укинува одредбата правото на возачка дозвола да може да се стекне со наполнети 17 години, а границата се поместува на 18 години.

  • Ќе се стекнат со дополнителни трошоци сите овие кандидати затоа што на дел од нив ќе им помине лекарското уверение. После изминат период од една година да речиме, тие кандидатите ќе изгубат и континуитет и рутина и ќе треба да се стекнат со дополнителни трошоци затоа што ќе треба да го обноват знаењето за да го полагаат возачкиот испит. – вели м-р Соња Шикалoска од авто школата „Старс Инженеринг“ – Охрид.

Родителите се лути и револтирани затоа што, како што велат, никој не им предочил дека нивните деца ќе се соочат со проблем поради измените во законот.

  • Се чувствуваме како измамени. Децата си имале заслуги, учеле, имале добри оценки, имаше можност да положат со 17 години, прашуваме во авто школите велат може, па после не може додека не навршат 18 години. Сега треба да чекаме повеќе од половина година, а не чини и поскапо. – изјави родител.

Родителите бараат надлежните институции да ја преиспитаат одлуката, односно на кандидатите кои веќе отпочнале со обука со наполнети 17 години, согласно стариот закон, да им се овозможи да го завршат процесот.

  • Тие деца кои почнале со обуки треба да полагаат по стариот закон, а тие што почнуваат после донесување на новиот закон авто школите ќе ги известат дека не можат да полагаат, но што да правиме ние кои почнавме со повреме. – прашува родител.

Автошколите од регионот за проблемот писмено се обратиле до МВР, каде различно од нив ги толкуваат измените на законот во кој стои дека: Кандидатите за возачи кои отпочнале со оспособување или со полагање на возачки испит, ќе ја завршат обуката согласно условите кои важеле пред донесувањето на новиот закон!

  • Кандидатите за возачи кои го завршиле оспособувањето, а не започнале со полагање на возачкиот испит заклучно со 15.05.2018 година, ќе го полагаат возачкиот испит согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност во сообрааќјот на патиштата. – велат од МВР.
  • Според мене секој кандидат којшто започнал со оспообување согасно членот 90, треба на сите тие кандидати и да им се овозможи и полагањето на возачки испит, затоа што тоа е една целокупна целина од полагањето на целокупнот возачки испит. – истакнува Соња Шикалoска од АШ „Старс Инженеринг“.

И авто школите и родителите се надеваат дека надлежните институции ќе изнајдат начин да им се излезе во пресрет на кандидатите за полагање возачки испит со навршени 17 години, кои почнале обуки пред донесување на новиот закон, за да не им пропадне трудот, но и вложените средства во обуката.

Горан Момироски