Кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Никола Бакрачески, го посети Центарот за култура „Григор Прличев“ каде оствари средба со директорката Драгана Боцевска и со актерите од охридскиот Народен театар.

Д- р Бакрачески имаше можност да се запознае со проблемите со кои се соочуваат актерите, пренесувајќи ги своите видувања околу можните решенија, пред се насочени кон се помасовна посета на културните настани во градот.


– Охрид како центар на голем број културни збиднувања, има посебно место во програмата со која ќе настапиме на претстојните локални избори. Сакав преку директна средба да се запознам со приликите во Центарот за култура и Народниот театар, да се сретнам со актерите кои од професионален аспект најдобро можат да ги презентираат проблемите со кои се соочуваат . При тоа, во конструктивен разговор  да изнајдеме најдобри решенија за што побројна посетеност на културните настани во градот. Само со заедничка соработка и подобра комуникација тоа може да се постигне, рече по средбата д- р Бакрачески.


Раководителот на Народниот театар, Горан Стојаноски,  потенцира дека со подршка од соодветните институции, театарот во иднина може уште повеќе да напредува, а Охрид постепено од локален да прерасне во балкански и европски културен центар.

– На средбата дојдовме до одредени ставови и заклучоци дека промовирањето на тетарот и културата и нивното ставање во локално општествен контекст ќе наиде на прекрасна соработка и добри резултати. Помошта и подршката се потребни не само од програмски и технички аспект, туку и во вид на капитални инвестиции, изјави Стојаноски.

Како што најавуваат од ВМРО- ДПМНЕ, денешната средба е дел од редовната серија средби на кандидатот Бакрачески кои ќе се реализираат со различни целни групи во Општината.

Т. К.