Градот под Самоиловата тврдина уште една докажа дека претставува привлечна дестинација не само за домашните туристите, туку и за странците кои се одлучуваат токму во Охрид да го кажат судбоносното „да“.
Вчера црквата „Св. Јован Богослов“ – Канео, беше сведок на свадбена церемонија во традиционален македонски дух, каде во брак стапија двајца млади странци, големи вљубеници во Охрид. 25-годишната новинарка од Брисел со потекло од Романија, Ана Марија Толбару и британецот Ник Херолд, 30 годишен дипломец од Оксфорд, се решија токму во оваа црква да ја овековечат својата љубов.
Нивната заедничка приказна започнува пред точно две години во Лондон, кога Толбару известувала од свадбената церемонија на принцот Вилијам. Изминатиов период нивната љубовна врска се зацврстила, а прекрасната местоположба на Канео била пресуден фактор токму на ова место да ја крунисаат својата љубов.
Покрај традиционалните црковни обреди, зетот заедно со сватовите во домот на охриѓанецот Владо Жура, го „положија“ тестот на традиционалниот охридски обичај „барање на невестата“.
Несомнено дека од овие автентични традиции карактеристични за нашето поднебје, без зборови останаа бројните присутни, претежно до Велика Британија и Романија, односно големиот број новинари од Скандинавија и европските земји. Сите тие заедно, имаа можност да се уверат во квалитетот на домашните специјалитети и да уживаат во традиционалната македонска музика.
По црковниот обред, следеше свадбен ручек на плажата „Потпеш“, а веселбата продолжи до доцните часови на плажaта „Канео.“
Инаку, оваа церемонија претставува уште едно сведоштво за природните убавини, несекојдневните обичаи и вкусните домашни специјалитети, кои Охрид може да им ги понуди на странските туристи.
O.T.
Со „Галеб“ до атрактивните туристички центри во Црна Гора за само 25 евра




















