Туристичките агенции кои имале склучено договори со „Летс Травел“ за аранжманите за Северен Кипар, што беа откажани на 20 август, бараат активирање на полисата за осигурување од одговорност за да им се рефундираат средствата што им ги имаат исплатено на патниците како обесштетување.

Претседателката на Стопанската комора за туризам Лелја Крстевска денеска посочи дека полисата за осигурување на „Летс Травел“ во осигурителната компанија „Евроинс“ се уште не е активирана, а доколку тоа не се случи на одредени агенции им се заканува опасност од затворање.

– Согласно законските процедури и правилникот за издавање лиценци бараме да се активира полисата и да се обесштетат нашите членки. Агенциите ги имаат обесштетено патниците со парични средства, а на оние граѓани кои не можеа да ги одложат своите патувања им беа понудени други аранжани како замена. Бараме да се активира по случајот, бидејќи на некои агенции им се заканува опасност од затворање. Се работи за агенции кои во моментот немаат средства да ги исплатат парите од неисполнетите аранжмани, рече Крстевска на прес-конференција.

Од Стопанската комора за туризам ги повикуваат и оние граѓани кои уплатиле за аранжманите директно во „Летс Травел“ да се обратат до Државниот пазарен инспекторат за да се направи евиденција колку граѓани се оштетени, бидејќи канцелариите на „Летс Травел“ во Скопје и Охрид се затворени до страна на агенцијата.

Според податоците на Стопанската комора за туризам, се работи за 19 агенции членки на Стопанската комора за туризам кои уплатиле средства за туристичките аранжмани во „Летс Травел“ со што е нанесена штета од над 86 илјади евра.

За случајот се информирани и министерствата за економија и за надворешни работи, како и владиниот Комитет за туризам. Од Министерството за економија ги чекаат извештаите од Државниот пазарен инспекторат по што ќе преземат мерки согласно законот. Една од мерките е одземање на лиценцата за работа.

На 20 август од страна на компанијата „Летс Травел“ беше откажан летот за Северен Кипар, како и двата лета кои требало да се реализираат по овој датум. До 20 август од страна на компанијата биле реализирани девет вакви летови за Северен Кипар.

OhridNews
извор: Курир