На помалку од една недела до големото Богојавленскo осветување на водите на Охридското Езеро, подготовките за одбележување на празникот Водици во Охрид течат со полн интензитет. Градот најавува дека празникот и оваа година ќе биде одбележан достоинствено и во согласност со обичаите.
Пријавувањето на капачите кои ќе запливаат во студените езерски води по чесниот крст, започнува во понеделник. Регистрираните капачи ќе добијат маичка со логото на празникот, а ден пред Водици ќе можат да извршат бесплатен лекарски преглед на пунктовите кои за таа цел ќе бидат поставени во центарот на градот. Според последните мерења на УХМР, температурата на водата во Охридското Езеро изнесува 5,5 степени Целзиусови. Во наредните денови не се очекува значителна промена на временските прилики, така што на Водици капачите ќе ги очекува ледена вода со температура од околу 6 – 8 степени Целзиусови.
Лекарите препорачуваат внимателност кај сите што имаат намера да се капат во Охридското Езеро за празникот Водици. Да не се игнорираат советите и да не се конзумира алкохол пред капење во езерото, бидејќи тој дополнитено ја намалува телесната температура.
OhridNews












