– Се надевам дека ќе пронајдат некој среќник да го постават за капетан. Се мислат веќе месец дена кој да биде и сега граѓаните имаат проблем со пловните објекти кои не можат да ги регистрираат затоа што нема капетан, едниот го сменија, а другиот никако да го постават, изјави градоначалникот Александар Петрески.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека не се одолговлекува процесот и веќе е извршено интервјуирање на кандидатите кои се јавиле на јавниот огласа, а по евалуацијата која следи, ќе биде извршен избор на нов капетан.
-Без оглед на тоа, Капетанијата на пристаништа во Охрид функционира со полн капацитет и ги извршува сите активности согласно Законот за внатрешна пловидба и во соработка со Езерската полиција врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи, информираат од Транспорт и врски
Според официјалните информации, дозвола за пловидба на Охридското Езеро до моментов имаат 436 чамци и три патнички бродови, кои и оваа година нема да пловат кон соседна Албанија, бидејќи и по 10 години од отпочнувањето се уште не е реализрана иницијативата за воспоставување меѓународна бродска линија Охрид – Поградец.
– Голем број од туристите што доаѓаат било да се од земјава или надвор од Македонија бараат една таква линија за да можат да ги гледаат убавините на Охридското Езеро, а и да ги посетат градовите, вели градоначалникот на Охрид.
Од транспорт и врски велат дека од македонска страна се извршени сите законски и технички подготовки за воспоставување на меѓународната бродска линија Охрид – Поградец, како и дека се остварени контакти со ресорното министерство од Република Албанија, но не постои комерцијален интерес од албанска страна за реализација на оваа иницијатива.