На соопштувањето на пресудата за потонувањето на бродот „Илинден“, прво обвинетиот Сотир Фиилески седеше сам на обвинителната клупа. Неговите адвокати беа службено отсутни. На читањето на пресудата не присуствуваше второ обвинетиот во случајот, овластениот претставник на осигурителната компанија  германски „Лојд“, Бранко Баиќ, кому му се суди во отсуство.

На соопштувањето на пресудата не присуствуваа семејствата на загинатите бугарски туристи и преживеани патници од трагедијата. Ги немаше и охридските бродари и членовите на здружението „5-ти Септември“ што беше формирано со цел утврдување на вистината за потонувањето на бродот „Илинден“.  Во судницата немаше претстатвници на охридската Капетанија и на државните институции кои според инволвираните во случајот исто така треба да сносат одговорност за најголемата бродска несреќа во историјата на земјата.

Основниот суд во Охрид вчера ги прогласи за виновни обвинетите Филески и Баиќ, за предизвикување тешки дела против луѓето и имотот во сообраќајот и им изрече казна затвор во траење од по една година. На капетанот Филески во казната му се пресметува и времето минато во затворски и домашен притвор од 05.09.2009 до 04. 12. 2009 година.

Судот ги задолжи осудените солидарно да ја надоместат кривичната штета во висина од 2,5 милиони денари.
 
Бродот „Илинден“ потона на 5-ти септември 2009 година во водите на Охридското Езеро на околу 350 метри од авто кампот Елешец, при што животот го загубија 15 туристи од Бугарија.