Со стабилизацијата на општинските финансии во изминатите четири години, Општина Охрид реализираше обемни инвестиции за подобрување на условите во сите основни и средни училишта. Процесот на модернизација на образовната инфраструктура продолжува со засилено темпо, а овој капитален циклус комплетно ќе биде заокружен кон крајот на наредната односно почетокот на 2028 година со реконструкцијата на охридската гимназија, истакна градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков при денешниот увид во неодамна завршените градежни и опремувачки активности во ОУ „Христо Узунов“.
Денеска сме во основното училиште „Христо Узунов“ во коешто изминатите години, од 2023 до 2026 година, се вложени доста средства, односно повеќе од 200.000 евра (12 милиони денари), од кои само во 2026-та 120.000 евра, односно 7 милиони денари. И со тоа се создадени дефинитивно подобрени услови, подобрена кабинетска настава, нови училници, нови врати, нови подови, нови смарт табли, инвентар секaко школски и доста други работи, истакна Пецаков.
Потенцираше дека заложбата на локална самоуправа е да се инвестира онаму каде што е најпотребно, и со создавање на подобри услови да се постигнат и подобри резултати.

Со голема поддршка од локалната самоуправа, градоначалникот, Секторот за образование, во нашето училиште се направија, само оваа година, голем број на капитални инвестиции, и нормално, во претходните четири изминати години. Капиталните инвестиции во овој летен период, да речеме од 10 јуни кога почнавме до 1 септември, сум многу горда што ги завршивме навремено. Беа целосно реновирани потпорните ѕидови, тие се надворешните огради, значи цементирани и исфарбани, се променија сите внатрешни врати на кабинетите и училниците кои беа доста голем проблем. Исто така, се променија 950 квадрати плочки на горниот кат кој беше целосно уништен и нормално е тоа дека после 50 години треба да се променат, во спортската сала и промените беа и во кујната во училиштето, рече Ѓоргоска.
Посочи дека после 25 години училиштето е целосно молерисано, а биле доставени и уште 7 интерактивни табли.
Минатата учебна година беа 15 интерактивни табли, годинава уште 7 и нашето училиште е целосно опремено со интерактивни табли, повеќе ги немаме старите зелени табли. За милион и 600 денари се променија парните котли на училиштето, за греење на парното. Се реновираа две училници, од кои една целосно се изгради, нова училница со компјутери, и веќе сме во крајна фаза на доопремување на училницата за дечињата со посебни потреби, додаде Ѓоргоска.
Н.С.Ј.
фото. А Момироска






























