Второпласираниот Охрид во претпоследната рунда од есенскиот шампионат на домашен терен ја пречекува струмичка Беласица. “Рибарите“ како фаворити влегуваат во мечот по кој очекуваат да ја продолжат трката за насловот есенски првак.

Без еуфорија, топката на земја ја спушта голманот Карамачоски кој во изминатите 11 рунди еднаш од пенал ја затресе мрежата на Миравци во дербито, а го скроти ударот од белата точка на мечот со Новаци при резултат 0-0.

Не летаме во облаци, јасно ни е дека има уште доста да се игра. Очекувам победа, но ние во мечот ќе влеземе претпазливо. Она што го краси овај тим на Охрид е пожртвуваноста, желбата за победа како и одличната атмосфера на тренинзите меѓу фудбалерите. Во досегашните 11 рунди во целост ги исполнивме задачите на Ѓорески, што резултираше со второ место на табелата – вели охридскиот број еден Карамачоски.

Во досега одиграните 5 меча на домашен терен “белите“ остварија исто толку победи, и тоа со импозантна гол разлика 11-1. Единствено струшки Влазеними успеа да ја затресе мрежата во Охрид.

– Не само јас туку и комплетната одбрана предводена од капитенот Митрески се заслужни за вакивиот импозантен скор. Не се оптеретувам толку со бројките, за мене најважно е тимот да победува – вели Карамачоски.

Капитенот Митрески и Мартиноски ја пропуштаат Беласица

Неделкоски на центар на “Билјанини“, Стефков во Новаци

М.П.