Македонската карате репрезентација во Струга ќе се подготвува за  големиот Светски турнир од премиер карате лига во Париз, кој ќе се одржи на 14 и 15 јануари.

– Во 2012 година имаме многу богат календар за натпревари и активности (како никогаш досега) и ако сакаме да бидеме конкурентни и успешни како во изминатиот повеќегодишен период, мораме да ги засукаме ракавите и да за почнеме со макотрпна работа. Јас сум оптимистички расположен и верувам дека и оваа година каратистите ќе бидат во групата на најуспешни Македонски спортисти, кои ќе ја радуваат Македонската јавност со своите резултатски постигнувања -, изјави селекторот на карате репрезентацијата на Македонија и од скопскиот карате клуб „Макпетрол“,  Бошко Заборски

Се очекува македонските најдобри каратисти да ги запишат и првите бодови на Светската ранг листа. Заедно со Наташа Илиевска на подготовки заминуваат сите актуелни сениори од нашите два најреномирани карате клубови Макпетрол и Металург (Жарко Арсовски, Мартин Несторовски, Огнен Груевски, Наташа Стефановска, Бојан Јовановска, Томе Тодоровски, Ферат Корбуличи, Богдан Мицов, Иво Цветковски и многу други).

Во истиот период, исто така, и младите репрезентативци (кадети и јуниори), членови на клубовите Макпетрол и Металург,  ќе се подготвуваат заедно со 20 спортисти од соседна Бугарија, бидејќи тие во периодот од 10 до 15 февруари, заминуваат на Европското првенство во Азербејџан, Баку. Вкупно 14 млади спортисти од двата клуба обезбедија статус на репрезентативец на Македонија и поради тоа нема одмор за стручните штабови на „нафташите“ и „металурзите“.

– Соработката со Бугарската национална репрезентација и со клубот Макпетрол е на највисоко можно ниво. Поради фактот што во двата клуба имаме многу квалитетни спортисти во сите возрасни категории почнувајќи од најмладите кадетите, јуниори и сениори, и поради тоа што во новата 2012 година ќе изобилува со настапи на нашите каратисти на сите континенти и најелитни карате центри, бевме принудени да направиме рана мобилизација на комплетниот натпреварувачки состав од двата клуба. – рече Мирче Јанушевски тренер на „Металург“.

Ohridnews