Во пресрет на новогодишните празници, компанијата „Тинекс“ во следниве две недели ќе подели 1500 новогодишни пакетчиња во училишта и установи за згрижување на деца со посебни потреби и од ранливи групи низ државава.
Украсениот новогодишен камион со пакетчиња и Дедо Мразот вчера тргнаа низ Македонија со пораката дека секое дете треба да ја почувствува топлината и среќата на новогодишните празници. Караванот на „Тинекс“ ќе посети 25 институции како дневни центри, здруженија, училишта, заводи за рехабилитација и здравствени установи за грижа и згрижување на деца кои имаат посебни потреби во 11 градови во Македонија, меѓу кои е и Охрид. Карванот на „Тинекс“ во Охрид ќе престојува во понеделник, 17-ти декември во 12 часот во ОУ „Св. Климент Охридски“.
„Повеќето од нас од своето детство ги паметат токму деновите на исчекување на Дедо Мраз и Новата година. Ние од „Тинекс“ ќе бидеме задоволни ако со овој наш караван успееме да предизвикаме барем една насмевка кај децата кои во овој момент имаат потреба од специјална грижа во установите ширум целата држава. Секое дете има право на новогодишна радост и среќа“, изјави при тргнувањето на Караванот претставничката на компанијата, Цветанка Христовска, притоа заблагодарувајќи им се на сите организации и институции што се вклучија и ја поддржаа реализацијата на оваа благородна активност.
Новогодишниот караван е дел од активностите во платформата „Тинекс, ти и јас“, во чии рамки годинава се реализирани повеќе донации и активности во областите на здравството, образованието, спортот, заштитата на животната средина, културата и уметноста и кон социјално ранливи групи. Платформата „Тинекс, ти и јас“ е продолжување и интензивирање на активностите за заедницата што „Тинекс“ ги реализира во изминатите осумнаесет години.