Вечерва од Охрид со почеток во 20 часот на Градскиот плоштад тргнува караванот „Mакедонијо, во срце те носиме“ во чии рамки концерти ќе се одржат во речиси сите поголеми градови во земјата, а публиката ќе има можност да ја почувствува магијата на живата изведба и да пее заедно со врвните изведувачи кои го сочинуваат овој уникатен проект.
Публиката ќе има ретка можност да ужива во жива изведба на најубавите македонски песни, отпеани од врвни македонски уметници, кои преку музиката градат мостови меѓу генерациите, чувство на припадност и заедништво, велат од тимот на „Македонијо во срце те носиме“.
Под Самоиловите тврдини, во срцето на древниот Охрид, ќе одекне песната која ги обединува срцата на сите Македонци – „Нема друга Македонија“, со музика на Милан Завков, текст на Томислав Которчевиќ и со нова аранжманска обработка на маестро Николче Мицевски, а ја изведуваат сите учесници во проектот – сплотени во една песна, со една мисла, со една љубов – за Македонија.
Преработката на безвременската „Нема друга Македонија“ – изведба што претставува симболично заокружување на досегашната работа и горд почеток на ново музичко патување низ Македонија, е последната композиција која јавноста има можност да ја чуе во рамки на проектот.
Во рамки на продолжението на проектот „Македонијо во срце те носиме“, работен под капата на Скендеровски продукција, публиката досега ги слушна: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски) „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска), „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија (Сузана Спасовска) „Мајко силна“ (Александар Тарабунов) „Каде сте Македончиња (Андријана Јаневска) и „Ако умрам ил загинам“ (Наум Петрески). Минатата недела во етерот беше пуштена и „Роде мој“ уште едно музичко дело во кое учествуваа сите учесници.
Мисијата да ја обоиме Македонија со најубавите звуци продолжува. Караванот патува со срцето на нацијата, носејќи музика што нѐ потсетува кои сме и зошто треба да останеме обединети, додаваат.
OhridNews