Охридските кардиолози Д-р Дејан Манчевски и Д-р Никола Бакрачески од Заводот за кардиоваскуларни заболувања учествуваа на еден од најпрестижните конгреси за интервентна кардиологија, ангиологија и други структурни кардиоваскуларни заболувања, 29-от конгрес/собрание што неодамна се одржа во Денвер, Колорадо-САД. Станува збор за најголем собир од овој тип во светот.
За прв пат од отворањето на заводот Д-р. Дејан Манчевски имаше активно учевство на овој врвен конгрес со презентација на случај (Интраартериска тромболиза при акутна тромбоза на мезентерична артерија). Самата апликација за презентацијата на случајот бараше исполнување на бројни критериуми од страна на организаторот. Ова е заболување кое се јавува во околу 0.1% од сите кардиоваскуларни заболувања и е болест со висок степен на смртност, во повеќе од 50% од случаите.
– Презентацијата беше посетена од бројни колеги од светот и официјални претставници на конгресот и беше поздравен начинот на спасување на животот на соодветниот пациент. Тоа покажува дека во Заводот се извршуваат најтешки, најсложени животозагрозувачки интервенции како што би се работело во западните земји и бројни интервентни процедури, особено на периферните крвни садови кои се прават исклучиво во Заводот. Во периодот кој следува ќе бидеме присутни и на други врвни собири од овој вид, со што всушности се наградува нашата професионална и стручна работа, вели д-р Дејан Манчевски, Спец.интернист Интервентен кардиолог/ангиолог.
Годинава на собирот во Денвер зедоа учество околу 40.000 кардиолози, ангиолози од светот.
OhridNews














