По повод одбележувањето на 17 мај, Светски ден на хипертензијата односно покачен крвен притисок, ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања-Охрид спроведе низа активности.

Во таа насока како што информираа од болницата било извршено мерење на крвен притисок на сите присутни во амбулантите, вклучително и оние кои биле како придружба на своите најблиски, а биле давани и совети, но и потенцирана важноста за правилен начин на мерење на притисок од страна на сестри вработени во установата.

Како установа која најдиректно и секојдневно е вклучена во борбата со оваа болест се придружуваме во напорите за подигнување на свеста за огромната важност на адекватниот третман на оваа широко распространета болест. Покачениот крвен притисок доведува до оштетување на низа органи и органски системи ( срце и крвни садови, мозочен удар, бубрези…) и е виновник на огромен број смртни случаи кои е возможно да се превенираат. За тоа да се случи потребно е подигање на свеста за потребата за редовно контролирање и третман на оваа болест. Токму затоа мотото на годинешниот 17-ти мај е „Мерете го вашиот крвен притисок редовно, контролирате го, живејте подолго!“, велат од Кардиолошкиот завод.

Воедно додаваат дека статистичките податоци говорат дека во САД една четвртина од возрасните жени и четворица од десет мажи имаат покачен крвен притисок, а дури и во земјите со најразвиени здравствени системи третманот е субоптимален, потенцирајќи дека кај нас состојбата е уште полоша.

Во оваа прилика уште еднаш апелираме како до нашите пациенти, така и до сите останати да не ја игнорираат потребата од редовна контрола на крвниот притисок. Сакаме да потсетиме дека најчесто покачениот крвен притисок е асимптоматска (која не предизвикува симптоми) болест. Не треба да чекаат посебен повод за повремено да го контролираат притисокот сите, дури и оние кои знаат дека до неодамна немале покачен притисок, велат од установата.

Во борбата со хипертензија модерната медицина и фармација имаат на располагање широка палета на исклучително ефикасни и безбедни лекови, велат и потенцираат дека не треба да се дозволи и покрај тоа илјадници луѓе годишно да страдаат од тешки последици или да го губат животот заради покачен крвен притисок! Да бидеме сите одговорни!- порачуваат.

OhridNews