Студентите од Факултетот за туризам и угостителство денес имаа можност да го проследат предавањето на директорот на Царинската управа Ванчо Каргов кој говореше за организацијата и работата на управата и специфичните области од царината.
Како што истакна Каргов, целта на ваквите предвања е студентите да се запознаат со активностите на Царинската управа која има одлична соработка со ФТУ, чии студенти се меѓу кандидатите за прием во царинската управа.
– Тие се едни од најфрекфентните кандидати за прием на работа во Царинската управа иако се разбира, не мора да се вработуваат само во Царинската управа, туку можат и во шпедиција и во кои било други фирми кои што поинтензивно се занимаваат со увоз-извоз бидејќи овој профил на кадри е потребен во секоја компанија, вели Каргов.
Тој додава дека при вработувањата во Царинската управа не се вработуваат само кадри со завршено високо образование од областа на царината и шпедицијата, бидејќи станува збор за поширока област за која се изучуваат предмети и на други факултети.
Деканот на Факултетот за туризам и угостителство, проф. Д- р Сашо Коруновски потенцира дека основните заложби се кадрите кои ќе излезат од факултетот да бидат квалитетни и рамноправно да можат да конкурираат на пазарот на труд.
– Царинското работење има широк опсег и секој треба да си го најде своето место. Наша должност е да инсистираме и да бидеме забележани во процесите на вработување и Царинската управа да има во предвид дека располагаме со кадри подготвени да покријат одредени сегменти од нејзиното работење, вели Коруновски.
Коруновски најави дека студентите од факултетот и во иднина ќе имаат можност да следат предавања од првите луѓе на институциите од области поврзани со предметите кои се изучуваат на факултетот. Наскоро се очекува пред студентите предавање да одржи и директорот на Управата за заштита на културното наследство.
Т.К.