Картите за 9-то издание на културно-забавниот настан „Зимска бајка“, кој оваа година ќе биде во знак на најдобрата македонска современа поп музика и креативниот хумор, во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба во среда, 17 декември, во „Топ маркет“ кај стариот Чинар, по цена од 1000 денари.

Бендот на „Зимска бајка“ составен од врвни музичари од Охрид и земјата, придружувани од гудачки квартет, дувачка секција, хор и аудиовизуелни ефекти, со изведувачите Драган Василески – Пајо, Емилија Колоска и специјалниот гостин на шоуто Ристо Самарџиев, ќе изведе дел од најпопуларните македонски забавни рефрени.

Домаќини на шоуто се единствените, оригинални и уникатни браќа, познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, чиј авторски материјал ексклузивно и премиерно се подготвува и изведува само за овој настан.

Манифестацијата „Зимска бајка 2025“ која и оваа година е помогната од Општина Охрид и општествено одговорни компании од градот кои несебично ги поддржуваат културните вредности, ќе се одржи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ нa 27 декември со почеток во 20 часот.

Дел од билетите се резервирани за спонзори и помагатели, како и за хуманитарни цели.

Традиционално, во соработка со локалните лајонс клубови, организаторот дел од собраните средства и донации ќе насочи за поддршка на социјално загрозени семејства за Божикните празници.

Остатокот карти, ќе бидат пуштени во слободна продажба во среда на добро познатата локација – „Топ маркет“ кај Чинарот.

OhridNews