Картите за 9-то издание на културно-забавниот настан „Зимска бајка“, кои во ограничен број беа пуштени во продажба вчера во „Топ маркет“, експресно се распродадени за 24 часа.

Нема повеќе карти за шоуто „Зимска бајка“ што ќе се случи на 27 декември во центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 20 часот, соопшти организаторот.

Картите за „Зимска бајка 2025 распродадени за 24 часа

„Зимска бајка“ оваа година ќе биде во знак на најдобрата македонска современа поп музика и креативниот хумор. Бендот на „Зимска бајка“ составен од врвни музичари од Охрид и земјата, придружувани од гудачки квартет, дувачка секција, хор и аудиовизуелни ефекти, со изведувачите Драган Василески – Пајо, Емилија Колоска и специјалниот гостин на шоуто Ристо Самарџиев, ќе изведат дел од најпопуларните македонски забавни рефрени.

Домаќини на шоуто се единствените, оригинални и уникатни браќа, познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, чиј авторски материјал ексклузивно и премиерно се подготвува и изведува само за овој настан.

Манифестацијата „Зимска бајка 2025“ е поддржана од Општина Охрид и општествено одговорни компании. Нaстанот и оваа година има хуманитарна нишка. Во соработка со локалните лајонс клубовите од градот и Црвениот крст – Охрид, ќе биде реализирана Божиќна хуманитарна акција за поддршка на социјално загрозени семејства во општината.

OhridNews