Картите за 9-то издание на културно-забавниот настан „Зимска бајка“, кој оваа година ќе биде во знак на најдобрата македонска современа поп музика и креативниот хумор, во ограничен број, денеска се пуштени во продажба во „Топ маркет“ кај стариот Чинар, по цена од 1000 денари.

 

Картите за „Зимска бајка 2025“, во ограничен број, пуштени во продажба

Бендот на „Зимска бајка“ составен од врвни музичари од Охрид и земјата, придружувани од гудачки квартет, дувачка секција, хор и аудиовизуелни ефекти, со изведувачите Драган Василески – Пајо, Емилија Колоска и специјалниот гостин на шоуто Ристо Самарџиев, ќе изведат дел од најпопуларните македонски забавни рефрени.

Домаќини на шоуто се единствените, оригинални и уникатни браќа, познатите охридски актери и комичари Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, чиј авторски материјал ексклузивно и премиерно се подготвува и изведува само за овој настан.

Манифестацијата „Зимска бајка 2025“ која и оваа година е помогната од Општина Охрид и општествено одговорни компании од градот кои несебично ги поддржуваат културните вредности, ќе се одржи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ нa 27 декември со почеток во 20 часот.

Традиционално, во соработка со локалните лајонс клубови, организаторот дел од собраните средства и донации ќе насочи за поддршка на социјално загрозени семејства за Божикните празници.

Дел од билетите се резервирани за спонзори и помагатели, како и за хуманитарни цели. Остатокот карти, во ограничен број, од утрово се во слободна продажба на добро познатата локација – „Топ маркет“ кај Чинарот.

Одбројувањето до „Зимска бајка“ започна.

OhridNews