Бројот на жртви во катастрофалните поплави што го погодија хималајскиот регион на границата меѓу Непал и Кина се искачи на најмалку 750 лица, додека повеќе од 3.000 се водат како исчезнати, јпренесуваат светскитре агенции. Според непалските власти, спасени се повеќе од 7.500 луѓе.

Катастрофата беше предизвикана од колапс на глечер, по што огромна маса од вода, мраз, кал и карпи се спушти низ планинските долини и предизвика разорни поплави.

Спасувачките операции продолжуваат во исклучително тешки услови, а дополнителните врнежи и растот на нивото на реките создаваат опасност од нови поплави и свлечишта. Стотици луѓе се верува дека се заробени во тунели кај оштетени хидроцентрали, јавува Ројтерс.

Во меѓувреме, обилни дождови денеска предизвикаа поплави и во Јапонија. Јапонската метеоролошка агенција издаде највисоко, петто ниво на предупредување за градовите Фукуи, Оно и Кацујама во префектурата Фукуи, предупредувајќи дека на одредени места катастрофата веќе се случува и дека постои непосредна опасност по животот.

Околу 244.000 жители добија наредба веднаш да преземат мерки за заштита, додека за уште околу 111.000 лица беше издадена наредба за евакуација. Повеќе реки се излеаја, поплавени се патишта и објекти, а регистрирани се и свлечишта. Во Кацујама за 24 часа наврнале рекордни 350,5 милиметри дожд. Засега нема потврдени човечки жртви во Јапонија.

Подоцна во текот на денот највисокото предупредување во Фукуи беше намалено на четврто ниво, но властите предупредуваат дека и натаму постои сериозна опасност од излевање на реките, поплави и свлечишта.

OhridNews
Фото: Илустрација