Институциите и компаниите со кои се склучуваат договори веќе не смеат да бараат фотокопија од лична карта при поднесување документи, ниту да ја задржуваат при влез во нивните објекти, пренесува „Дневник“.

Мобилните и кабелските оператори, банките, институциите компаниите со кои се склучува договор за некаква услуга веќе нема да смеат да бараат фотокопија од лична карта при поднесување некои документи, барања, жалби, ниту да ја задржуваат при влез во некоја институција, зошто ќе бидат казнети. Ова е предвидено во измените на Законот за личните карти, кој е влезен во собраниска процедура, а во кој се предвидени и ригорозни казни за прекршителите. Ова се прави по барање на Дирекцијата за заштита на личните податоци чии инспекциски контроли утврдиле дека непотребно се собираат и се чуваат копии од лични карти, без законска основа за тоа. Копии од лични карти се најдени во работните досиејата при склучување договори за вработување, при склучување разни договори, при заверување исправи и други документи. Оттаму апелираат граѓаните секогаш да внимаваат каде даваат фотокопија од личната карта.

Со измените на законот се вели дека на барање на сопственикот на личната карта, контролорот, односно обработувачот е должен да издаде потврда за направената копија на личната карта во која задолжително се наведува целта за која е направена копијата и рокот на нејзиното чување. Во него се утврдува и забрана за обработување и чување копија на лична карта во електронска форма, освен ако со закон не е поинаку утврдено, како и дека за фотокопија треба да се бара согласност од сопственикот.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци објаснуваат дека личната карта како документ за лична идентификација може да служи само за увид и за утврдување на идентитетот на лицето.

– Секое натамошно обработување на податоците од личната карта како што е задржувањето на овој документ при влез во одредени компании или институции, односно нејзино фотокопирање се смета за незаконска обработка – велат во Дирекцијата.

Пенали од 250 до 2.000 евра

Во измените се предвидени ригорозни казни за прекршителите на законот. Глобите се движат од 250 до 2.000 евра во денарска противвредност. Така, за задржувањето на личната карта глобата изнесува 1.000 евра, а се казнува и одговорното лице во фирми или службено лице во органите на државната власт со глоба од 350 евра, додека глобата за контролорот-физичко лице изнесува 250 евра.

Каде е дозволено фотокопирање?

Од Дирекцијата објаснуваат дека фотокопија од личната карта може да се задржи само во случаи утврдени со закон. Тоа го дозволува Законот за домувањето при склучување договор за продажба на стари станови, потоа Законот за спречувањето перење пари и финансирање тероризам, заради следење на потеклото на парите, Законот за постапувањето со бесправно изградени објекти, при поднесување барање за утврдување правен статус за станбени згради, како и Законот за основањето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за баратели, односно корисници на финансиска поддршка, пишува „Дневник“.

OhridNews
извор:„dnevnik.com.mk“