Вкупно 85 парични казни во износ од oколу 45.000 евра или точно 2.783.014 денари глоба и 24 покани за мандатни казни во износ од околу 7.000 евра или 430.500 денари изрекла Пазарната инспекција при контролите на охридските трговски субјекти во текот на 2015 година и во првите два месеци од 2016 година. При контролите во истиот период на 15 трговци им била изречена мерка затворање на објектите.

Од Пазарниот инспекторат велат дека овие казни биле изречени врз основа на одредбите од Закон за државен пазарен инспекторат.

-Во текот на минатата година и во првите два месеци од оваа година, на подрачјето на општина Охрид инспекторите спровеле вкупно 2.895 инспекциски надзори. Од нив 1.303 инспекциски надзори биле извршени во трговски објекти во Охрид, според Законот за трговија. Од нив 987 биле редовни, 197 контролни и 119 вонредни, при што освен казните биле донесени и 43 решенија во управна постапка и биле поднесеи 39 барањa за поведување на прекршочна постапка, информираат од Државниот пазарен инспекторат.

Освен во трговските, охридските пазарни инспектори во текот на претходните 14 месеци, извршиле контроли и во угостителски објекти.

-По Законот за угостителска дејност биле спроведени вкупно 525 инспекциски надзори, од кои 365 редовни, 114 контролни и 46 вонредни. При овие надзори биле поднесени 5 решенија во управна постапка и 5 барања за поведување на прекршочна постапка. Исто така биле изречени и 20 парични казни со вкупен износ од околу 13.000 евра или точно 811.608 денари и 6 покани за мандатна казна од околу 1.500 евра или точно 91.942 денари. Поради непочитување на законските обврски, на 5 угостителски објекти им била изречена мерка затворање, информираат надлежните во пазарниот инспекторат.

Оттаму додаваат дека по Законот за туристичка дејност во истиот временски период биле извршени вкупно 34 надзори од кои 17 редовни, 7 контролни и 10 вонредни, при што биле издадени 2 покани за мандатни казни со износ од 55.350 денари.

Според Законот за вршење на занаетчиска дејност во Охрид биле извршени 412 инспекциски надзори од кои 311 биле редовни, 87 контролни и 14 вонредни. При овие надзори биле издадени 3 решенија во управна постапкаи и 2 барања за поведување на прекршочна постапка. Исто така биле изречени и 4 парични казни со вкупен износ од 131.487 денари и 2 покани за мандатна казна од 8. 610 денари. Поради непочитување на законот, на двајца занаетчии им била изречена мерка затворање.

 Е.М