На правните субјекти кои не ја исплатуваат законски утврдената минимална плата, ќе им биде изречена глоба, предупреди министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, пренесува „Макфакс“.

Тој потсети дека согласно законот, кој од почетокот на годината почна да се применува во Македонија, правен субјект кој вработените ќе ги плаќа помалку од 8050 денари ќе биде санкциониран со глоба од 6.000 до 7.000 евра.

Одговорното лице во компанијата која нема да го почитува овој закон, ќе се соочи со парична казна од 3.000 до 4.000 евра.

Ристовски на прес-конференција рече дека онаму каде што во договорите за вработување е предвидена пониска плата од утврдената минимална плата, инспекторот со решение ќе ги задолжи во анекс договорите да се утврди минимална плата.

Ресорниот министерот истакна дека засега  не се изречени казни, но оти се констатирани обиди за изигрување на Законот и ги повика работодавачите да не се обидуваат да прават различна пресметка на платата, затоа што се знае што е плата, што е бруто износ на плата, што е храна и превоз пресметани во основната плата.

OhridNews
извор: „Макфакс“