– Одлевањето на фекалиите кај Центарот за едрење директно во езерото преку цевката за одведување на атмосферската вода беше предизвикано токму поради несовесното однесување на поединци кои изградиле објекти на улицата АСНОМ, кои наместо да ги приклучат на главната канализациона мрежа, очигледно полесно им било тоа да го направат преку диво приклучување на атмосферската канализација, со што се предизвика загадување на водата во езерото. Надлежните екипи како и во овој случај, ќе продолжат да ги откриваат и отстрануваат дивите приклучоци, но и ќе се казнуваат оние кои тоа го направиле, рече Петрески.
Тој повика и на зголемување на совеста на граѓаните, пред се, како што рече Петрески, затоа што трошоците за приклучување на станбените објекти кон главната канализациона мрежа се минимални.
– Во последните неколку години успеавме да ги приклучиме и сите приградски населби на канализационата мрежа, се со цел да нема излевања на фекалии во езерото и загадувања на водата. Затоа не можеме сега, покрај сите тие напори, да дозволиме поради несовесното однесување на поединци сиот тој напор да падне во вода, потенцира градоначалникот.
Екипите на ЈП Нискоградба сеуште работаат на чистење на каналот на улицата АСНОМ од атмосферската канлизација, преку кој се излеваа фекалиите во езерото кај Центарот за едрење. Пред неколку дена, беше откриена локацијата каде било извшено дивото приклучување и тоа беше отстрането.