Во наредниот период ќе следат засилени контроли со цел намалување на бројот на вработени на црно, најави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Како што рече министерот, во таа насока се и последните измени на законот за работни односи, со кои  наместо претходно утврдениот фиксен износ,  се предвидува утврдување на распон на износите на глобите, при што казните за непријавување на работник ќе изнесуваат од 6000 до 7000 евра.  

Доколку инспекторите затекнат непријавен работник, на работодавачот ќе му се нареди во рок од 15 дена да заснова работен однос со затеченото лице и да му исплати три месечни плати. Доколку не се постапи по решението, работодавачот ќе добие 15 дена забрана за работа. А ако ниту во тој период не се исправат незаконитостите, следува времено решение за пломбирање на работната просторија во рок од 60 дена.

Во 2011 година извршени биле 24 513 надзори во областа на работните односи. Се постапило по над 1 257 барања на работниците за заштита на нивните права. Затекнати биле 993 непријавени,а Државниот инсепекторат за труд поднел 609 барања за поведување на прекршочна постапка од областа на работните односи.

OhridNews