Охрид го живее шпицот на туристичката сезона, голем број гости и туристи го користат слободното време за прошетка по кејот. Тоа што е сепак очигледно и вообичаено како и секоја година е дека поставена е голем дел од урбаната опрема токму на пешачките патеки, меѓу нив дрвените куќарки, возовите, штандовите за продажба на накит, сувенири, како и реквизите за рекреација на помладите генерации.

Во оваа насока и на денешната 30-та седница на Советот на Општина Охрид посветена на советнички прашања, координаторката на пратеничката група на СДСМ, Живка Ангелоска упати прашање до градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков во насока на неговата изјава дека Охрид ја живее најдобрата туристичка сезона, но и за движењето по кејот, кое вели вака со сета урбана опрема воопшто не е релаксирачко.

Изјавивте дека Охрид ја живее најдобрата туристичка сезона и ме радува ако е така зошто посакувам оваа да е одлична, другите да бидат уште подобри. Во однос на програмите требаше да се збогати понудата и со адреналинскиот парк, но тоа сега не прашувам. Според мене адреналинска патека сега претставува кејот за да може да се направи една прошетка по него. Секогаш било проблем, куќичките и се друго на самиот кеј. Дали сите поставени тезги, реквизити се со одобрение? Дали кога вие ќе се прошетате покрај кејот се чувствувате релаксирано и амбиентот околу вас ве релаксира?, праша Ангелоска.

Градоначалникот Пецаков истакна дека изјавата е извадена од интервју каде кажал дека Охрид веројатно ја живее најдобрата сезона врз основа на параметри од хотелско-угостителските капацитети споредбено со 2019 година.

Но, бројките сепак ќе ги видиме на крајот на годината, преку приходите од туристичката такса, тур операторите, чартер летовите, Агенцијата за туризам и ќе имаме една комплетна слика. Но, параметрите во хотелско-сместувачките капацитети покажуваат дека имаме успешна сезона, истакна Пецаков.

Во однос на кејот, додаде, вака како што изгледа ниту заслужува ниту треба да биде. Меѓутоа, потенцираше дека тој не ја почнал оваа работа, а треба да ја заврши.

И ми е непријатно сето тоа да го направам радикално и во одреден момент кога неколку фамилии на кои од претходно им било овозможено заработуваат од ова. Како градоначалник треба кога нештото ќе го забранам да најдам опција бидејќи ќе се соочам со тие фамилии кои заработуваат од ова. Нема дилема дека не треба да изгледа вака и во најскоро можно време ќе најдам многу поинкво решение кое се надевам ќе биде достоинствено за Охрид и за тоа како треба да изгледа Охрид.

Потенцираше дека сите реквизити поставени куќарки без разлика дали за храна, бижутерија или забавни играчки се издаваат преку јавен повик и потврди дека постојат девијантни појави најчесто на градскиот плоштад и на кејот кои соодветно се казнуваат.

Ова ситуација е создадена низ години. Факт е дека некој кој го измислил издавањето на урбаната опрема било со одреден бенефит во случајов претставува сериозен приход на ЈП Градски пазар. Но, нема дилеми дека треба да се најде друга форма на функционирање и ќе работиме на тоа во иднина и се надевам дека наредното лето ќе можеме порелаксирано да се движиме по градскиот кеј, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.