Кеј „Борис Кидрич“ ќе биде затворен за возила вo четврток поради подготовка на сценографијата за отворање на годинашното издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Дирекцијата на фестивалот соопшти дека предвидено е затворање и на улицата „Партизанска“ на 27 август, сабота од 12 часот поради поставување на сценографијата за свеченото затворање в недела.

За овие планирани затворања на две улици изготвен е сообраќаен елаборат, за кој е добиена согласност од Општина Струга, а изготвено е одобрение од СВР Охрид, стои во информацијата на СВП.

Годинашното 61. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе се одржува од 25 до 29 август под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“. Манифестацијата ќе почне со традиционалното читање на Константиновата Т`га за југ и палење на Фестивалскиот оган, по две години поради пандемијата, повторно на старата локација, пред платото на центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Годинашниот лауреат, јапонски поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст (91 година) нема да присуствува физички, а Златниот венец во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава.

Присуство на манифестацијата, најавил минатогодишниот лауреат, израелскиот поет Амир Ор. На годинашното фестивалско издание, според СВП, најавено е присуство на повеќе од 25 странски и домашни поети.

Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде во недела, на 28 август на Мостот на поезијата со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“.

OhridNews