Голем интерес владее во градот под Самоиловата тврдина за саботното супер дерби во второлигашката конкуренција во кое водечкиот Охрид ќе го пречека второпласираниот тим на 11 Октомври. Од охридскиот клуб велат дека се задоволни од “фидбекот“ кој го добиле од охриѓани кои се живо заинтересирани за мечот со прволигашки предзнак.

Очекуваме посета од околу 3000 гледачи на СРЦ “Атина Бојаџи“, преку 500 карти ни откупи локалната самоуправа, дел откупија неколку охридски компании, како и средни училишта во градот. За мечот поканети се сите оние фудбалери и претседатели кои во изминатите години биле дел од овој клуб. Исто така ги покануваме сите туристи кои ќе го посетат Охрид за време на големиот христијански празник Велигден, да дојдат на “спортски“ за да уживаат во фудбалската престава – вели секретарот на клубот Милчо Ристески.

Ентузијазмот но и обврската е пристуна и во охридскиот табор, сите ја знаат тежината и значењето на мечот со 11 Октомври. Со победа над директниот конкурент за врвот на табелата на шест рунди пред крајот “рибарите“ со една ќе бидат во Првата Лига.

Победуваме. Ова се тие натпревари за кои еден играч, за кои еден тренер живее. Наша цел во текот на целата сезона беше да играме офанзивен и атрактивен фудбал кој ќе ги привлече гледачите да ги следат нашите на натпревари. Мислам дека успеавме во тоа и мечот со 11 – ти ќе биде вистинско уживање – вели стратегот на “белите“ Зоран Ѓорески – Џајо.

Охрид го има најдобриот напад во лигата со 37 постигнати гола, го имаат најдобриот стрелец во лигата , Клечкароски 14 гола, но пред себе ја имаат најдобрата одбрана во лигата, онаа на 11 Октмври која досега прими само 9 гола.


Стрпливо ќе ја градиме нашата игра, нема безглаво да јуришаме кон противничкиот гол, и убеден сум дека ќе ја затресеме противничката мрежа и ние ќе бидеме тимот кој на крајот ќе се радува – истакна капитенот на тимот Митрески Љупчо.

На домашен терен Охрид нема испуштено бод, има биланс од девет победи во исто толку натпревари со гол разлика  24-3, “белите“ се наоѓат во низа од две победи без примен гол.


Свое шоу на супердерби најави и навивачката група “рибари“ која во изминатите 19 рунди беше 12 фудбалер на Охрид.  – Силно ја посакуваме победата и обезбедување пласман во Првата лига. Нема да ги штедиме нашите грла во подршката за фудбалерите за да се стигне до победата која в година ќе ни ги донесе, Вардар, Работнички, Металург, Пелистер, Шкендија во Охрид – коментираат навивачите.

Натпреварот ќе го води интернационалниот судија Димитар Мечкаровски од Скопје. Стартот на мечот е закажан во сабота од 16 часот.

М.Постоловски