Владата ќе ги разгледува можностите за нова законска нормативна-регулатива во институциите, со која ќе им се одзема оружјето на службените лица кои имаат допир со оружје, ако биле пријавени за насилство. Оваа мерка на Владата следува откако беа извршени две тројни убиства во Македонија за еден месец, а убијците претходно биле пријавувани за семејно насилство.
„Оние службени лица коишто во извршувањето на своите службени задачи по сила на закон имаат допир со оружје, доколку евентуално би биле пријавени дека се сомничат за сторено определено дело кое во себе содржи елемент на насилство, во соодветна процедура да биде ограничена можноста за нивен допир со оружјето коешто службено го поседуваат и го употребуваат во вршење на своите службени задачи“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Формирана е посебна работна група со претставници од МВР, МО, МТСП, МЗШВ и останати институции кои во рок од една недела треба да изготват информација и да ја известат Владата околу можностите за креирање на нова законска нормативна-регулатива во институциите каде таа не постои и квалитативно унапредување во оние каде што постои. Во информацијата, како што појасни, Ѓорѓиев , треба да бидат разработени сите детали и модалитети за тоа кои законски акти би требало да бидат променети, надополнети, квалитативно засилени, како и кои подзаконски акти би требало да бидат разработени.
„Треба да се предвиди и соодветната постапка во определени ситуации како би дошло до ограничување до пристапот на оружје на едно службено лице кое што би се сомничело за сторување на дело кое вклучува елемент на насилство“, истакна Ѓорѓиев.
Тој додаде дека информацијата ќе биде разгледана на следната владина седница и врз основа на добиените материјали Владата ќе излезе и со конкретни правци на решенија коишто ќе бидат донесени се со цел да се отиде чекор понапред во превенирање на ситуации каде што може да се изврши насилство со употреба на оружје од страна на службено лице.
Осомничениот за убиството во Кавадарци, кој порано бил припадник на резервниот состав на безбедносните сили во текот на конфликтот од 2011 година, убиствата ги изврши со оружје кое го поседувал со дозвола, а другиот убиец, кој бил професионален војник, ги застрела жртвите со службен „калашников“.
OhridNews