На површина од 18 хектари во крајезерскиот појас од населбата Далјан ќе никне нов туристички и деловен комплекс. Со предлог ДУП за УЗ 4 тука се предвидува изградба на хотели и други сместувачки капацитети, како и на дом за стари лица, кој се најавува долги години. Максималната висина на објектите ќе биде 17,5 метри. Екологистите предупредуваат на внимателност поради опасност габаритните градби да го запрат струењето на воздухот од езерото.
-Да се внимава да не се прават грешките кои што се правеле во други делови од градот, односно објектите кои ќе се градат да ја задржат максимално дозволената висина предвидена со постарите ДУП-ови, за да нема нарушување на проветрувањето од езерото како не би се нарушило мирното живеење на луѓето во тој дел од градот. – изјави Борче Стојаноски од ЕД Грашница.
Според стручњаците изградбата на туристичкиот комплекс не треба да започне пред да се реши проблемот со регулирање на отпадите води, бидејќи колекторскиот систем во населбата Далјан нема капацитет да ги опслужли ниту постојните објекти.
-Приоритет треба прво да се даде на изградба на инфраструктура, на колекторски систем и инсталации кои што ќе може да ги издржат потребните оптоварувања, а потоа да се пристапи кон градба на тоа што е предвидено, дотолку повеќе што од пумпните станици кај Далјан и Подмоље поради преоптовареност непречистена вода се излева во езерскиот еко систем. – посочува Ѓоко Зороски, експерт по екологија.
Пред десетина дена беше презентирана стратегиската оцена за влијание на планот врз животната средина. Во презентираниот документ наведено е дека е предвидено посебно третирање на отпадните води, како и организирано управување со отпадот, со што можноста за загадување на почвата и површинските и подземните води и воздухот ќе се сведе на минимум.
Г.М.