За кратко време се очекува да почнат со работа амбулантите во селата Требеништа, Мешеишта, Куратица, Трпејца и Љубаништа, информираат од ЈЗУ Здравствен дом. Оттаму,  додаваат дека се во постојан контакт со надлежните служби во локалната самоуправа на општините Охрид и Дебрца со цел да се изнајдат и соодветни простории со цел да се отворат здравствени пунктови каде ќе можат лекарски тимови да вршат прегледи во руралните средини во двете општини.

Од ЈЗУ Здравствен дом информираат дека во рамки на проектот на владата „Рурален доктор“, на подрачјето на општините Охрид и Дебрца од почетокот на месец јануари, од страна на медицински тим составен од доктор по медицина и медицинска сестра,  биле извршени прегледи врз 320 пациенти кои живеат во руралните делови.

Напоредно со овој проект ,Здравствен дом од месец ноември 2013 преку својата служба за поливалентна патронажа, во двете општини, спроведува акција на домашни посети кај стари лица при што се вршат контроли на крвниот притисок, шеќер во крв, се даваат совети за спроведување на хигиенско- диететски режим на исхрана.

Досега се посетени 2000 стари лица во двете општини, а посетите ќе продолжат  и во наредниот период.

OhridNews