Нема да има толеранција кон никого кој ќе врши неквалитетен пласман на вештачки ѓубрива,  семе и саден материјал за земјодлеците,  затоа што  сите ние имаме обврска да ги заштитиме земјоделците и да имаме здрава храна, беше потенцирано на денес одржаното Советување за заштита на растенијата во Република Македонија.

Како што рече заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, од страна на државниот инспекторат постојано се вршат контроли на земјодлеските аптеки, при што се откриени препарати  со изминат рок, семиња и вештачко ѓубриво со фалсификувани елементи.

–    Доколку тие се продадат  тоа ќе значи и неквалитетен принос. Продолжуваме со контролите, будно ќе се следат состојбите, а против сите оние кои не ги почитуваат законските одредби ќе бидат преземени соодветни ригорозни санкции. Како влада нема да дозволиме некој на незаконски начин да остварува профит на штета на земјоделците, бидејќи таа штета е наша заедничка штета, рече Коњановски. 

Тој апелира до земјоделците за секоја увидена неправилност на пазарот од аспект на семенски материјал со поминат рок, производи за заштита на растенијата кои не се одобрени за употреба, ѓубриња кои не се во своето оргинално пакување и слично, веднаш да пријават во министерството за земјодлество, шумарство и водостопанство.

За овие проблеми, за фитосанитарната политика,законските измени и дополнувања поврзани со оваа област се расправаше на 37- то по ред Традиционално советување за заштита на растенијата во РМ, кое се одржува во Охрид.

Т. Кувенџиска