Струга се најде меѓу осумте општини во Македонија, во кои под закуп ќе се даваат преку 5140 хектари државно земјиште, во времетраење до 50 години. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес го објави јавниот оглас, со кој земјиштето ќе се дава под закуп за подигање маслинарници, оранжерии, овошни насади, разни земјоделски култури, изградба на рибници и спортско-рекреативни центри, како и развој на руралниот туризам.

Право да конкурираат за понуденото земјиште имаат домашните физички и правни лица, додека правните странски лица мора да имаат регистрирано подружница на територијата на земјава. Физичките лица треба да се регистрирани вршители на земјоделска дејност и да се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Исто така, на огласот можат да аплицираат и трговци поединци, но услов е да се занимаваат со преработка и производство на земјоделски култури.

Во наредните 20 дена, заинтересираните се должни до ресорното министерство, да достават понуда за износот на годишната закупнина.

OhridNews