Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување стипендии за студенти кои во академската 2016/2017 година ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од 100-те најдобри универзитети во светот, според рангирањето на Центарот за универзитети од светска класа при Универзитетот Џио Тонг од Шангај.

Ова е петта година откако МОН го објавува Конкурсот и досега можноста ја искористиле околу 150 македонски граѓани. Како и во изминатите години, кандидатот треба да е државјанин на РМ, да не е корисник на друга стипендија, да има постигнато одреден успех и да е примен на еден најдобрите сто универзитети. Студентот  има обврска, согласно со договорот што ќе го потпише, да се врати во Македонија и да работи во јавниот или во приватниот сектор најмалку двојно поголем период од времетраењето на студиите.

Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал. Од минатата година Владата дефинираше области кои се приоритетни зашто се дефицитарни во Македонија: технички науки, архитектура, градежништво, математика, меѓународно право, меѓународна економија и финансирање, физика, биологија, хемија и генетика.

Стипендијата го покрива трошокот на уписнината најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и трошоците за превоз. Крајниот рок за аплицирање е 1 септември 2016 година.

OhridNews