Премиерот Никола Груевски во интервјуто дадено за еден од најтиражните азиски весници „China Daily“ истакнал дека Македонија сака привлече што е можно повеќе туристи од Кина, пренесоа националните медиуми.

Во таа насока во соработка со останатите земји од регионот веќе се огранизираат заеднички кружни тури, за да можат кинеските туристи да посетат повеќе држави одеднаш.

-Нашите туристички агенции соработуваат на овој план. Нашите министерства за надворешни работи разгледуваат начини како да се олесни издавањето на визи и јас разговарав со мојот министер за надворешни работи да видиме до каде е нивото на разговори на ова прашање, изјавил Груевски, објаснувајќи дека Владата веќе донела одлука да даде субвенции на туристичките оператори кои ќе носат кинески туристи во Македонија.

-Ќе добијат 65 евра за секој посетител ако операторот носи повеќе од 10 луѓе кои ќе останат минимум три дена во нашата земја. Ова е значителна поддршка за компаниите, за тур-операторите, кои ќе донесат на пример по неколку илјади луѓе годишно. Самите 65 евра не се ништо, но ако помножите по 1.000, по 5.000 туристи, тоа е значителна помош за операторот, појаснил премиерот за кинескиот весник.

Тој нагласил дека целта на Македонската влада е патувањето за кинеските туристи во Македонија да го направи полесно и поевтино.

OhridNews