Изградбата на нова театарска зграда во Охрид не е приоритет на Министертвото за култура во 2018 година. Министерот Алаѓозовски го претстави буџетот за 2018-та во кој, како то рече, ќе има повеќе пари директно во културата. Вкупниот буџет на Министерството за култура за 2018 година изнесува 4 милијарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно околу 69 милиони и 406 илјади евра, што претставува зголемување од 4.48% во споредба со лани. Во вкупниот буџет на земјата, Министерството за култура учествува со 2 %, што е процентуално најголем културен буџет споредено со земјите од регионот, рече министерот.
„Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет, со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивните трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, обезбедуваме достоинствени услови за работа на сите уметници, културни работници и стручњаци од јавниот културен сектор, овозможуваме распространување и развој на културата низ целата земја и допираме до публиката од сите возрасти“, истакна министерот Алаѓозовски.
Нешто над 92% од планираните средства од вкупниот буџет на Министерството за култура се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, додека околу 8 % се предвидени за трошоците на администрацијата на Министерството за култура. Споредено со лани, за трошоците на Министерството годинава предвидовме над 112 милиони денари помалку, додека за директно финансирање на дејностите и проектите во културата за 2018 се предвидени над 200 милиони денари повеќе.
Кај средствата предвидени за дејностите, како најзначајни се издвојуваат оние за сервисирање на обврските за Македонската филхармонија (600 милиони денари), 13 % ќе се потрошат за изградбата на Албанскиот Театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово, 12% за драмската дејност, 11 % за заштита на културното наследство, 9% за музичка и сценско – уметничка дејност, 7% за фолклорна и сценско – уметничка дејност, 6.9% за музејската дејност, 6.3% се за блок – дотации до единиците на локалната самоуправа, а околу 4 % или 154.5 милиони денари за Агенцијата за филм.
Значајно зголемување има кај драмската дејност – обезбедени се 471 милиони 500 илјади денари што е зголемување од 23% во однос буџетот за 2017 година, за заштита на културното наследство се обезбедени 437 милиони и 500 илјади денари што е зголемување од 21 %, за музичката и сценско -уметничка дејност се издвоени 347 милиони денари што е зголемување од 17%, кај фолклорната и музејската дејност имаме зголемување од 13 %, а за библиотекарството во 2018 година се одвоени 88 милиони денари, или 4% повеќе од буџетот за 2017 година.
Кај средствата предвидени во разделот за Министерството, 38 % се за активности предвидени за финализирање на Универзитет на Св. Климент кај Плаошник, 32 % се за плати, придонеси, надоместоци и административни трошоци, 15 % за Управата за заштита на културното наследство, 7% одат кај националните уметници и за национални пензии во културата, 4% за истражување, заштита, конзервација, реставрација, реконструкција и презентација на Античкиот театар во Скупи, 1.5% за активности кај Скопско, Тетовско и Виничко кале, како и нешто под 1 % односно 3 милиони денари за туристичка промоција на културното наследство на Република Македонија.
Во буџетот за културата во 2018, како посебна програма во капиталните проекти се предвидени и средства за санација на покривите и други ургентни интервенции за обезбедување на елементарни услови во нашите културни установи. Почетниот износ на оваа ставка изнесува 60 милиони денари, која може и да се надополни со пренамена откако ќе добиеме прецизни проекции од нашите установи и нашите инспекции, кои се на терен овие денови откако во над 20 објекти на културата (поради долгогодишна негрижа) се јавија проблеми со прокиснување и недостаток на основни услови за обавување на дејноста.
„Со овој буџет, му ставаме крај на т.н Проект Скопје 2014-та, нема нови штети и товар за буџетот и парите на граѓаните и се раздолжуваме навремено за досегашните обврски за да не создадеме дополнителна финансиска штета; трошиме помалку пари за потребите на Министерството, а далеку повеќе директно за уметниците и нивните проекти; ја подобруваме инфраструктурата и условите за вработените во културните установи и за публиката од сите возрасти, ги отвораме установите за независната културна сцена;создаваме нови програми и ги зголемуваме можностите за поддршка за сите актери во културата; и обезбедуваме механизми за суштинска вклученост на сите засегнати актери во процесите на донесување одлуки во културата“, потенцираше Алаѓозовски.
OhridNews












