Со цел поттикнување на развојот на издавачката дејност во Република Македонија, Министерството за култура почнувајќи од 1 јануари 2015 година ќе основа посебна организациска единица Центар за книга.

Во рамки на овој центар ќе се вршат активности поврзани со поттикнувањето на производството и пласманот на изданијата, анализа на информациите за состојбите во издавачката дејност, подигнување на читателската култура, збогатување на библиотечните фондови, воведување стимулативни мерки за развој на книжарниците и сл.

Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на јавната расправа на тема „Предлог-закон за издавачка дејност“. Таа посочи дека Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание настојува да го унапреди книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во државата.

–Во изминатиот период Владата и Министерството реализираат големи зафати кои не само што ни помогнаат да го надминеме повеќедеценискиот застој во македонската преведувачка издавачка практика, туку детерминираа еден нов и траен инпулс во културното живеење на нашата држава. Наша интенција е книжевниот амбиен да се унапредува и во оваа смисла со новиот закон за издавачка дејност предлагаме мерки кои битно ќе влијаат врз развојот на оваа дејност, потенцира Канческа-Милевска.

Таа посочи дека во 1945 година во Македонија е регистрирана само една издавачка куќа, во 1990 година има регистрирано 12 издавачки куќи, во 2007 година–300 издавачки куќи, а во 2014 година–700 издавачки куќи.

– Трендот на зголемување на бројот на издавачки куќи се должи и на можноста секој да се регистира за вршење на оваа дејност без да исполни посебни услови особено во однос на стручноста и екипираноста на самиот издавач. Од регистрираните издавачи само мал процент професионално ја врши издавачката дејност односно од вкупниот број регистрирани издавачки куќи, само 30 до 40 издавачи издаваат повеќе од 10 дела во текот на годината, рече Канческа-Милевска.

Согласно Предлог-законот, нагласи министерката, издавачка дејност во Република Македонија, ќе може да вршат правни лица регистрирани во Централниот регистар на РМ за вршење на издавачка дејност, а по исклучок и физички лица како автори кои издаваат сопствено издание.

OhridNews

Извор: „МИА“