Со цел да се решат проблемите при издавањето на сместувачките капацитети од мал обем Локалната самоуправа и Секторот за туризам и локален економски развој подготвуваат документација за формирање здружение на приватни станоиздавачи кое би функционирало по теркот на ХОТАМ.
– Наша намера е согласно законските рамки да се формира здружението кое би имало статут, органи и тела преку кои приватните станоиздавачи би ги остварувале своите права и поефикасно ќе се занимаваат со дејноста за која се регистрирани, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Тој најави дека се работи и на одредување на сумата која би се издвоила од општинскиот буџет со која од наредната година би се вршело субвенционирање на цените за издавање на капацитетите.
– Со тоа во пресрет ќе им излеземе на станоиздавачите кои ќе имаат можност да извршат корекции на нивните цени по кои ги издаваат собите и апартманите,што ќе бидат надополнети од сумата која ќе ја обезбедиме и со тоа и цените на издавање ќе бидат поприфатливи за гостите, вели Бакрачески.
Раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, ја најави и идејата за формирање туристичка берза каде на организиран начин би се нуделе сместувачките капацитети. Симболичната чланарина која би ја плаќале станоиздавачите би се користела за подготовка на пропаганден материјал.
Ваквите идеи им беа презентирани на приватните станоиздавачи кои вчера присуствуваа на заедничката средба на која присуствуваа и претставници на туристичките агенции и од надлежните инспекторати, а која имаше за цел да се решат проблемите при издавањето на сместувачките капацитети.
Т.К.