Во текот на оваа година Охридската локална самоуправа планира да ја комплетира изградбата на пешачката патека од мостот „Студенчишта“ до поренешниот хотел „Парк“ кај месноста Горица.
За таа цел вчера преку Електронскиот систем за јавни набавки објавен е Јавен повик преку кој се бара изведувач на третата фаза од патеката, чија вредност ќе биде околу 250.000 евра или точно 15.230.275 денари. Според условите од јавниот повик, фирмата која ќе го добие тендерот ќе треба да ги заврши градежните работи во рок од 12 месеци. Крајниот рок за доставување на понудите за објавениот повик е 22-ри февруари 2016 година.
Одговорните за комунални дејности при општина Охрид велат дека, според Програмата за уредување на градежно земјиште, третата фаза од изградбата на патеката предвидува уредување на три дела од по 210 метри.
-Градежните активности ќе се одвиваат од потегот после плажата „Кадмо“ во правец на поранешниот хотел „Парк“. Според планираното ќе бидат поплочени и партерно уредени вкупно 630 метри од патеката. За изведувањето на овој дел од патеката се предвидени средства од Буџетот на општина Охрид за 2016 година, велат од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.
Оттаму објаснуваат дека освен овие 630 метри, во третата фаза од изведбата на пешачката патека е предвидено да се уредат и 150 метри во нејзиниот почетен дел, од потегот на мостот „Студенчишта“ до „Скејт паркот“.
-За изведбата на овој дел од патеката општината ќе обезбеди средства преку проектот WATERNET, а уредувањето на овој дел исто така се очекува да биде реализирано во текот на оваа година, појаснуваат одговорните за комунални дејности при општина Охрид.
Во текот на минатата година општина Охрид ги спроведе првите две фази од изградбата на патеката кон „Парк“ при што беа уредени вкупно 420 метри. Шеталиштето е со широчина од 12 метри и се состои од дел за пешачење и велосипедска патека, а има и соодветна урбана опрема и модерно осветлување. Заедно со новите 780 метри кои ќе бидат уредени во рамки од третата фаза на проектот за изградба, пешачката патека ќе биде со вкупна должина од 1.200 метри.
Е.М