Охридската локалната самоуправа распиша Конкурс за избор на идејно архитектонско решение за изградба на Градска куќа на просторот кај Долни Сарај.
Според условите на конкурсот целите кои треба да се постигнат со имплементација на идејното решение се квалитетно урбано уредување; создавање на привлечно катче на кое туристите ке можат да се рекреираат, забавуваат, да се фотографираат и да понесат убави спомени од овој дел од градот. Исто така идејното решение треба да придонесе за подобрување на туристичката разгледница на Охрид и афирмирање на културно историските вредности на градот.
-Инспиративниот нуклеус за овој проект е поставување на Градска куќа, на местото на некогашната мноументалната резиденција „Долни Сарај“, врз основа на соодветни архитектонски паралели, поврзани со историјата, просторот, величенствената природна карпа над брегот од Охридското Езеро до т.н. „Бакалов мост“. Со сигурност се знае дека објектот имал приватно пристаниште што го збогатува архитектонскиот израз и интелегентната досетливост на мајсторот творец. На високата карпа над езерото, отсечена и едноставна, со вонредно убава глетка постоела градба со лоша судбина. Во непознато време по претпоставка околу 1908 година веќе била делумно или потполно обезличена. По разказ на Охриѓани од 1944 таа е во „запустена состојба“, се појаснува во рамки на Конкурсната документација.
Целта на овој конкурс е да се скицира оваа зграда давајќи и културно обележје со атрактивни содржини. Градската куќа треба да има долно ниво, приземје, прв кат и втор кат.
-На долното ниво треба да биде сместено депо, ресторантска кујна, помошни простории за функционирање на објектот, магацински простор за реквизите на летната сцена, гардероби и санитарни чворови. На приземјето ќе биде сместен национален ресторан со поставка на етно музеј. На пвиот кат ќе има резиденцијални апартмани, а на вториот кат ќе има сала за прием која ќе биде во функција на општината и други културни институции. Пред објектот ќе треба да има градина која може да биде во функција на ресторантот, со можност да се трансформира во гледалиште за културни манифестации на отворен простор, пишува во Конкурсната документација.
Крајниот рок за доставување на идејното решение е 14-ти април 2016 година, а право на учество имаат домашни и странски правни лица регистрирани за дејноста предмет на овој конкурс и домашни и странски физички лица, дипломирани архитекти или студенти на архитектура. Секој од учесниците има право да учествува со по еден труд. Оценувањето на трудовите ќе го врши жири комисија од 6 члена формирана со решение донесено од страна на Градоначалникот.
Прва награда за најдобро идејно решение е во висина од 90.000 денари, втората награда е во висина од 60.000 денари, а третата награда е во висина од 30.000 денари. Овие награди истовремено ќе претставуваат и откуп на авторските права и обештетување на авторите во целост.
Е.М



.jpg)
.jpg)









