Во рамки на „Развојната програма за уредување на градежно земјиште на општина Охрид за 2016-2018 година“ планирана е Изградба на мал плоштад во потегот кај Горна Порта. Овој проект е запишан во делот од програмата за Партерно уредување, кој предвидува реализација на уште неколку други инфраструктурни проекти.

Од општина Охрид не информираа дека во текот на оваа година е планирано доуредување на делот кај паркингот кај Горна Порта и негово соодветно осветлување.

-Ова е предвидено во Проектот за уредување и осветлување на пешачките патеки во потегот на стариот дел на градот кој е веќе завршен. Во однос на уредувањето на мал плоштад во потегот кај Горна Порта се уште не би можеле да соопштиме прецизни информации околу планираното идејно решение и кога истото би било реализирано, велат надлежните од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици при општина Охрид.

Во рамки на Развојната програма за уредување на градежно земјиште, во делот на партерно уредување, планирано е и партерно уредување на коритото на река Грашница булевар „Туристичка“ до булевар „Железничка“ и на коритото на реката на улица „Аџи Мустафа“ до пресекот со булевар „Туристичка“. Исто така планирано е партерно уредување на коритото на река во село Пештани, како и Реконструкција на дрворедите на улиците „Јане Сандански“, „Македонски Просветители“ и ,,Кузман Капидан“.

Исто така во рамки на двегодишната програма планирана е санација и изградба на потпорни ѕидови во урбаната заедница Стар Град, како и изградба на потпорни ѕидови во населбите Свети Стефан, Кошишта и Рача и во селата Косел, Пештани, Завој, Велгошти, Коњско и Велестово.

OhridNews