Ќе се гради црква кај Смилковското езеро, на местото каде свирепо беа убиени четирите млади момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски од Радишани и рибарот Борче Стефковски од Црешево на 12 април минатата година, пренесува „Макфакс“.

Месните заедници Стајковци, Смилковци, Црешево и Виниче во општина Гази Баба иницираа изградба на Македонска Црква “Светите четириесет маченици – Младенци“ како траен спомен за убиените.

Денеска  ќе биде осветен камен темелникот на црквата на местото викано Кршиколе или Крст до заобиколницата на Скопје, кај Смилковското езеро.

„Црквата во основата ќе биде 150 м2 со уреден парк од 6.000 м2, а околу црквата ќе има камбанарија, голем крст, пет видиковци и пет бора во спомен на убиените. Проектот е изработен од градежната фирма ЖИКОЛ, за што иницијаторите изразуваат голема благодарност до ктиторот и сите донатори“ соопштуваат од општина Гази Баба.

На осветувањето ќе присуствуваат месното население од околните села, семејствата на убиените и Архиепископот Охридски и Македонски со свештеници од Скопската епархија на Македонската Црква – Охридска Архиепископија.

Судскиот процес за грозоморното убиство коешто ја потресе цела земја почна на 20-ти декември минатата година, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Судењето се снима визуелно и тонски со две камери. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство,им се суди во отсуство.

OhridNews