Поставувањето на семафори на двете крстосници од булеварот „Железничка“, кое пред извесно време го најави општина Охрид, ќе се одвива врз основа на соодветно изработен сообраќаен проект.

За таа цел деновиве преку Електронскиот систем за јавни набавки објавен е Јавен повик преку кој се бара изработка на Основен сообраќаен проект за семафоризирање на крстосницата помеѓу булевар „Железничка” со улиците „Егејска” и „Будва“ и крстосницата помеѓу булевар „Железничка” и улицата „Кленоец“ и нивна меѓусебна линиска координација со обезбедена ревизија.

За изработка на оваа документација ќе бидат издвоени околу 2.000 евра или точно 127.118,64 денари. Според условите од јавниот повик, критериум за избор ќе биде најниската понудена цена, а крајниот рок за доставување на понудите е 2-ри март 2016 година.

-Ќе бидат поставени семафорите кои беа демонтирани при изградба на кружната крстосницата помеѓу булавар „Туристичка“ и „Македонски Просветители“ и семафорите кои ќе бидат демонтирани кога ќе се изгради кружната крстосница помеѓу булаварот „Туристичка“ и улицата „Јане Сандански“,  инфомираа неодамна од  Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, при општина Охрид.

Оттаму објаснуваат дека работните активности за поставување на семафорите на булаварот „Железничка“ ќе се реализираат откако ќе завршат сите градежни работи за изградба на кружните крстосници на булевар „Туристичка“.

Причината за поставување на семафорите е големата фреквенција на возила на овој булевар, кој најчесто се користи како обиколница на градот.

OhridNews