Министерството за образование и наука планира намалување на бројот на учениците во паралелките како една од мерките за подобрување на квалитетот за наставата, информираат од министерството.

– Исто така, планираме намалување на бројот на часовите на наставниците со поголем стаж заради создавање можност за нивно ангажирање како ментори на наставниците со помал стаж, велат од МОН.

Оттаму потенцираат дека во тек е процес на формирање на повеќе работни групи кои ќе работат на реформите во одделенската настава, предметната настава и средното образование, вклучувајќи ги и законите кои што ја регулираат материјата во оваа област. Во овие работни групи отворени се вратите за сите организации, синдикати, пленуми, кои сакаат да придонесат за подигнувањето на квалитетот на образованието, кое беше срозено од претходната власт.

Изразуваат надеж дека синдикатите, пленумите и граѓанските организации ќе работат со добра волја и ќе соработуваат меѓусебно, како и со Министерството за образование и наука, во процесот на реформи во образованието кои пред сè се во интерес на учениците.

OhridNews