Надалеку познатата охридска резбарска школа ќе биде возобновена, најавуваат од Заводот и Музеј Охрид, кој по подолга, децениска пауза, викендов организираше изложба на која беа претставени дела на 12 автори од разллични генерации изработени во разни техники.
-Ова е еден мал наш придонес за афирмирање на оваа традиција, занает или уметност, со крајна желба ние како институција да се приклучиме во обновувањето на резбарското училиште во Охрид. – изјави Оливера Мишева од охридскиот Завод и Музеј.
Познатиот охридски резбар Цветан Николоски, кој несебично и денес го пренесува своето знаење на новите генерации, вели дека би било голема штета доколку не се зачува резбарската традиција.
-Жално е да пропадне оваа традиција која е е градена од мијачките мајстори кои се мачеле некаде да научат и да остават спомени и натаму да живее овој занает.-додава Николоски.
За сеќа, во Здружението на резбари членуваат над стотина резбари, но загрижува не толку големиот интерес кај младите за резбарството.
–Има млади кои се интересираат, но ретки се за жал. Тоа е исто како музиката, треба пиле да се има.-вели исто така познатиот охридски резбар Стефан Грозданоски.
Сашо Јанкоски, продолжувач на традицијата на познатиот охридски резбар Димче Јанко, се надева дека ќе има млади кои ќе ја продолжат резбарската традиција.
-Секоја работа ако темелно ја работите се живее. Ако се труди човек ако е упорен може да се живее.-вели Јанкоски, кој вели дека вратите на неговата работилница се отворени за младите кои сакаат да го научат овој занает.
Резбите изработени од охридските мајстори се исклучително вредни уметнички дела, кои се мошне ценети не само во Македонија, туку и пошироко. Нивните дела красат голем број духовни храмови, како и институции.
Г.М.